Сè за платените апликации во облак

Научете како функционираат апликациите во облак и како можете да пристапите до нив преку веб-прегледувач.

Апликациите во облак се различни

Апликациите во облак не мора да се инсталираат на вашиот уред, бидејќи работаат онлајн. Кога користите апликација во облак, не ви треба ништо друго освен веб-прегледувач и бесплатна сметка во облак. Ова може да ги направи апликациите во облак брза и практична замена за другите апликации.

На апликациите во облак им треба интернет-услуга и достапни податоци. Повеќето апликации во облак се бесплатни и можете да пристапите до нив користејќи сметка во облак. За да пристапите до апликациите во облак, треба да се најавите на сметката во облак со адреса на е-пошта и лозинка.

Некои примери за апликации во облак се:

  • Google Earth
  • Microsoft To-do
  • Apple Reminder
  • Google Shopping
  • електронско издание на Microsoft Office
  • Apple Mail.

Апликациите во облак се дел од вашата сметка во облак кај брендовите како што се Google, Microsoft, Apple или други. Апликациите нема да го наполнат вашиот склад во облакот, но податоците од датотеки или документи создадени во апликациите може да го сторат тоа.

Најавете се за да користите апликации во облак

Можете да се претплатите на апликации во облак

Кога плаќате месечна или годишна претплата за услуга во облак, може да добиете:

  • поставени фотографии со подобар квалитет
  • повеќе опции за уредување фотографии во облакот
  • дополнителни функции во некои апликации
  • пристап до апликации што не се вклучени бесплатно
  • поголем простор за складирање датотеки и други податоци

Што ви треба за да пристапите до апликациите во облак

За да почнете да користите апликации во облак преку прегледувач, ќе ви треба:

  • десктоп или лаптоп
  • интернет-врска со достапни податоци
  • веб-прегледувач како што е Edge, Chrome или Safari.

Што е екосистем на апликација во облак?

Бидејќи апликациите во облак се поврзуваат на голем број начини, тоа се нарекува екосистем (ecosystem). Главните екосистеми се Microsoft, Apple и Google и во зависност од уредот што го користите, најверојатно веќе имате пристап до еден од нив.

Како можете да проверите кои апликации во облак можеби веќе ги имате

Ако користите Apple ИД (Apple ID) за да се најавите на уред Apple (Apple device), можете да ја употребите оваа сметка за да пристапите до екосистемите и апликациите во iCloud на Apple.

Ако користите сметка на Microsoft (Microsoft account) за да се најавите на вашиот компјутер со Windows (Windows computer), можете да ја користите оваа сметка за да пристапите до екосистемот и апликациите во облакот на Microsoft.

Ако користите сметка на (Google account) за е-пошта или за да се најавувате на Chrome или на уред со Android (Android device), можете да ја користите оваа сметка за да пристапите до екосистемот и апликациите во облакот на Google.

Ако користите еден екосистем апликации во облак, наместо да мешате и да комбинирате, тоа значи дека треба да паметите само една силна лозинка и да научите да работите само со еден збир софтвер!

Како да споредувате бесплатни сметки во облак

Бесплатните сметки што ги нудат Microsoft, Google и Apple се многу слични, а главни разлики се услугата за е-пошта, колкав бесплатен простор добивате за складирање и како секоја услуга се синхронизира (syncs) со датотеките и уредите.

За да се најавите на бесплатна сметка во облак, користите адреса на е-пошта и силна лозинка.

Microsoft

  • Ја користи апликацијата Outlook за е-пошта
  • Има склад во облак со големина од 5GB
  • Може да се синхронизира со сите компјутери и мобилни уреди
  • За синхронизација на фотографии ја користи Photo view во OneDrive
  • Ги складира вашите контакти во апликацијата Луѓе (People), што може да се синхронизира со сите мобилни уреди (со преземање на дополнителна апликација)
  • Ја користи апликацијата Skype за размена на пораки.

Apple iCloud

  • Ја користи апликацијата Mail за е-пошта
  • Има склад во облак со големина од 5GB
  • Може да се синхронизира со компјутери и мобилни уреди Apple
  • Ја користи апликацијата iCloud Photos за синхронизација на фотографии
  • Ги складира вашите контакти во апликацијата Контакти (Contacts), којашто може да се синхронизира со сите уреди Apple
  • Ја користи апликацијата Пораки (Messages) за размена на пораки.

Google

  • Ја користи апликацијата Gmail за е-пошта
  • Има склад во облак со големина од 15GB
  • Може да се синхронизира со сите компјутери и мобилни уреди
  • Ја користи апликацијата Google Photos за синхронизација на фотографии
  • Ги складира вашите контакти во апликацијата Контакти (Contacts), што може да се синхронизира со сите мобилни уреди (со преземање на дополнителна апликација)
  • Ја користи апликацијата Разговор (Chat) за размена на пораки.
Апликацијата за контакти е многу корисна, бидејќи ако го загубите телефонот, сите броеви и детали на контакти се безбедни на вашата сметка на апликацијата во облак. Кога ќе ја поврзете сметката на апликацијата во облак со нов телефон, сите зачувани информации се подготвени за да пристапите до нив.

Како функционира претплатата во облак

Кога ќе се претплатите на пакет за сметка во облак, добивате дополнителен склад во облак. На пример:

  • бесплатната сметка може да има склад со големина од 5GB
  • годишен пакет со цена од 40 долари може да има склад со големина од 200GB
  • годишен пакет со цена од 120 долари може да има склад со големина од 1-2TB (1000-2000GB).

Пред да купите пакет за складирање во облак, бидете сигурни дека сте ги прочитале малите букви и размислете дали претплата ги задоволува вашите потреби.

Некои претплатени пакети освен простор за складирање ви даваат и други услуги. На пример:

  • Microsoft 365 ви дава пристап до многу помоќни верзии од апликациите на Microsoft
  • Google One ви дава повеќе опции за складирање фотографии со поголем квалитет.

Вашата апликација за складирање во облак ќе ве праша дали сакате да го зголемите доделениот простор за складирање (со плаќање). Нема потреба да купите претплата ако сѐ уште имате бесплатен слободен простор за складирање. Кога купувате, барајте го најевтиниот пакет. Можете да извршите надградба во секој момент.

Можете да ја откажете месечната претплата во секој момент, но годишната претплата претставува 12-месечна обврска. Некои пакети ви дозволуваат да споделувате склад со уште 4 други лица (вообичаено членови на семејството). Ова може да биде најдобар избор.